Во последниот седми извештај на СЈО се наведува дека во завршна фаза е истрагата за предметот со кодно име „Друмарина“, во кој е осомничена поранешната пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева за лажни фискални сметки за патни трошоци од Собранието.
„Предметот се наоѓа во фаза на истражна постапка. Во текот на извештајниот период, преземени се голем број на истражни дејствија, односно испитани се сведоци, поднесени се повеќе барања до различни институции по кои се доставени бараните податоци“, пишува во извештајот на СЈО.
Предметот, како што е наведено, се наоѓа во финална фаза, и по завршување на истражната постапка, ќе се донесе јавно обвинителска одлука.
Според СЈО од јуни 2012 до декември 2015, Бонева приложила 843 фискални сметки кои наводно ги зела одејќи на релација од својот дом во Струмица до Скопје, но обвинителството има докази дека таа имала сместување во главниот град и дека нејзиното возило поминало 100.000 километри помалку отколку што требало да има изминато ако навистина секој работен ден патувала.
СЈО пресметало дека на овој начин Бонева направила измама што го чинела Собранието некаде околу 100.000 евра.