Пол Манафорт, поранешен шеф на изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп и влијателен лобист во Вашингтон доби дополнителни 43 месеци казна затвор поради обвинение поврзано со лобирање за проруски политичари.
Оваа одлука донесена денеска од судот во Вашингтон следува седум дена откако му беше изречена казна од 47 месеци затвор поради даночни затајувања во друг одвоен случај. Последната казна пак е за две обвиненија за завера за кои Манафорт лани се изјасни за виновен и се извини за своите постапки.
Случајот со Манафорт беше прв што го покрена специјалниот советник Роберт Мулер како дел од неговата истрага во руското мешање во американските претседателски избори во 2016 година.