Граѓанските организации бараат повлекување на законот за СЈО

Прес-конференција на СЈО, обвинителката Катица Јанева

Граѓанските организации Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи, Институт за европска политика и Фондација Отворено општество – Македонија, кои се дел од Блу принт групата на организации фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавно обвинителство.

,,Со овој закон се уредува понатамошното постоење, функционирање и надлежност на сегашното СЈО без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со неговото работење, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите. Затоа, бараме доработка на измените и дополнувањата на Законот, со фокус на одредбите кои се однесуваат на понатамошниот статус и работа на СЈО”, се вели во соопштението.

Граѓанските организации реагираат на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност а што директно влијае на создавање недоверба во понатамошното функционирање на СЈО. Бараат Владата, да го повлече предлог-законот за Јавното обвинителство и да го врати до надлежното министерство, кое во партиципативен и транспарентен процес ќе доработи законот земајќи ги предвид препораките.