Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков е пренесен во истражниот затвор во Шутка откако Основното јавно обвинителство побара притвор поради добиени сознанија дека подготвувал бегство.
„По добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка – Притвор. Кривичниот совет го прифати предлогот на обвинителството и на обвинетиот со Решение му определи мерка – Притвор во траење од 30 дена“, информира обвинителството.
Чавков е еден од обвинетите во предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата.