Законите кои претседателот Ѓорге Иванов одби да ги потпише, ќе треба повторно да се најдат во собраниска процедура и ќе мора да бидат донесени со најмалку 61 пратеник, по што тој ќе има обврска да го потпише указот за нивно стапување во сила. Од 1 април Собранието нема да заседава заради одржување на претседателските избори, така што законите ќе треба дотогаш да се најдат во собраниска процедура. Во моментов претседателот на Собранието Талат Џафери е на службен пат во Романија и Литванија, а по неговото враќање ќе се знае дали и кога тие ќе бидат ставени на дневен ред.
Членот 75 од Уставот предвидува дека законите се прогласуваат со указ, кој го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, по што Собранието
повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
Овој член предвидува и оти претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Но, според информациите од собраниската прес-служба, не потпишал и три реформски закони, донесени со двотретинско мнозинство, а претходно не го потпиша ниту Договорот од Преспа кој исто така беше донесен со двотретинско мнозинство, по што без негов потпис беше објавен во Службен весник.