„Ами ти што не си најдиш опозиција по твое“ - вие коментирате!

„Пред камерите очи ќе си вадет, после кафе заедно ќе пиет, само народот го ставет во неизвесност, жалосно“ - Лидерската средба Заев - Мицковски во фокусот на вашето внимание на социјалните мрежи

Топ тема за коментирање на ФБ страницата на РСЕ е средбата на претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев со актуелниот прв човек на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во неделата навечер во Владата.

„Заев и Мицкоски се сопнаа на Катица Јанева“ информира нашево Радио по изјавата на Мицкоски по средбата дека „Јанева и тимот не смеат да ја добијат довербата“, како што рече, за разлика од премиерот Заев кој изјави дека го одбил предлогот на Мицкоски опозицијата да биде овластен предлагач на Јавен Обвинител затоа што „ваква опозиција не може да биде овластен предлагач на јавниот обвинител“. Петре Николовски му се обраќа на премиерот: „Ами ти што не си најдиш опозиција по твое“ и предлага Мицкоски да ги прекине преговорите со ... па употребил непримерен термин. Васил Горгиев напишал: „Ваква опозиција посакува секоја влада, мирна, послушна, конструктивна и соучесник на власта“. Кумановецот Емил Бојковиќ прашува „кој е овој Мицкоски, прв пут слушам за њега“. Но Љубомир Ачков и Бехије Менде имаат различни мислења. Ачков напишал: „Најпрво апашите зад решетки, па поставувајте услови“, а во постот на Бехије Менде читаме: „Тој на кој не му е чиста совеста му смеќава Катица Јанева која е честита и храбра жена“.

Давид Веселиновски смета дека Заев и Мицкоски „лажат, разговараат како да ја докрајчат Македонија“, а Зафир Рамадани постирал: „Пред камерите очи ќе си вадет, после кафе заедно ќе пиет, само народот го ставет во неизвесност, жалосно“. Кире Велјановски, пак, напишал: „Тоа е разликата во општеството сега. Во времето на груевизмот немаше никакви лидерски средби бидејќи Груевски не ги сакаше, ќе беше разобличен и откриен“.

Видете и ова: Димовски – Може да поддржам продолжување на работата на СЈО

Неделното интервју со пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој покрај другото вели дека ако се направи систем што ќе значи гаранција на човековите права и на владеење на правото можеби ќе размисли да даде поддршка на натамошното постоење на СЈО, предизвикало негативни коментари, како што се чини главно од симпатизери или членови на неговата партија. Киро Николовски, на пример, прашува: „Се реши и ти да прејдеш кај 8-те предавници?“ Милчо Новески извикува: „Срам да ти е Илија, бруко невидена!“ Кире Велјановски постирал и овде: „Те болеше тебе 11 години за правата, да крадеш и поддржуваш груевизам и да глумиш патриот“, па забележува на РСЕ зошто направила интервју со Димовски, „преголемо значење му давате!“ Лидија Кала признава: „Во право беа СДСШ што ги нарекуваа лажни патриоти. Сè за личен интерес“.