ВМРО-ДПМНЕ поддржува продолжување на работата на СЈО, но не ја поддржува специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим. Од утре ќе се формираат работни групи кои ќе работат на„ супстанцата“ на предлог законот за јавното обвинителство, но и на другите реформски закони, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев. Повеќе од два ипол часа траеше средба меѓу нив во Владата. По средбата, Мицкоски изјави дека разговорот може да го подели на два дела, едниот се однесувал на обезбедување услови за фер избори, а вториот на реформските закони, неопходни земјата да добие датум за преговори со ЕУ.
Мицкоски вели дека предлог текстот на законот за јавно обвинителство го добиле во четвртокот и немало многу време да се посветат на него, но дека принципиелно се за разговори за ова прашање, па токму затоа работни групи од утре ќе почнат подетално да го разгледуваат.
„Но овој специјален јавен обвинител со тимот не смее да ја добие довербата, оти не ја оправдаа и ја злоупотребија. Ние сме за преговори на партиско ниво за содржината на законот, се договоривме од утре да се формираат групи и да дискутираат“, рече Мицкоски.
Што се однесува пак до разговорите за претстојните претседателски избори, Мицкоски вели дека ги изнел сите забелешки и стравувања за изборниот процес. Тој вели дека засега нема гаранција дека процесот ќе биде фер и демократски, но затоа била и оваа средба.
Договорено е оперативна комуникација меѓу изборните штабови на кандидатите за претседател на владејачката коалиција и на ВМРО-ДПМНЕ. А Мицкоски се надева дека ќе им се придружи и штабот на Блерим Река.