Во Северна Кореја денеска се одржуваат парламентарни избори, со единствен избор на располагање - владејачката работничка партија. Ова се втори избори за членови на Врховниот народен собир, откако лидерот Ким Јонг Ун ја презеде власта.
Изборите за членови на законодавниот дом во оваа комунистичка земја се одржуваат на секои пет години. На секое од гласачките ливчиња има по едно одобрено име. Гласачите теоретски би можеле да го пречкртаат името на гласачкото ливче, но не е познато дека такво нешто некогаш се случило.
Официјалната новинска агенција КЦНА соопшти дека одѕивот на гласањето е 99,97 отсто, а само оние кои биле надвор од земјата или „работат на океани“ не гласале. На изборите мора да гласаат граѓаните кои се постари од 17 години.