Во Белград синоќа се одржа 14 -от по ред протест против владеењето на претседателот Александар Вучиќ и неговата партија Српска напредна партија. Протести под слоганот „Еден од пет милиони“, освен во Белград, се одржуваат и во Нови Сад, Ниш, Крагуевац, Ужице и во повеќе други градови ширум Србија.
Протестот во Белград беше одбележан со „блокада за предупредување“ на зградата на РТС, под паролата „Доста ве гледавме вас, сега ќе не гледате нас“. Луѓето кои протестираат ја опколија зградата на РТС, а имаше и перформанс преку кој беше емитуван „Дневник на слободна Србија“.
Организаторите велат дека блокадата за предупредување е резултат на игнорирањето на барањата за професионално известување кои беа испратени до РТС, пред повеќе од еден месец.
Колегиумот на РТС претходно соопшти дека со најавената блокада на зградата на РТС, организаторите „ја преминуваат границата која постои меѓу легитимните протести и нелегитимниот притисок врз сите вработени во јавниот сервис”.
Протестните прошетки во Белград влегоа во четвртиот месец откако на 30 ноември почнаа да се одржуваат во Крушевац по нападот на еден од основачите на Сојузот за Србија и лидер на Левицата на Србија Борко Стефановиќ.