Нема веќе директори во администрацијата во четири очи

Илустрација

Објавен е предлог текстот на законот за висока раководна служба. Доколку овој закон се донесе, во иднина високите раководители во администрацијата ќе се вработуваат преку јавен оглас и преку систем на заслуги, во отворен натпревар на кој ќе може да учествуваат сите граѓани со високо образование. Во наредните 20 дена сите заинтересирани ќе имаат можност со свои коментари, забелешки и предлози да придонесат кон подобрување на текстот на Законот.

Секој висок раководител ќе треба да се избира преку индивидуализирана процедура, односно доколку треба да се пополни некое место, министерот или органот на власт надлежен за тоа тело ќе даде опис за потребните одговорности и должности на таа позиција. Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека со овој Закон се прави голем исчекор во насока на професионализација и департизација на јавната администрација.