Денеска на полноќ завршува собирањето потписи за кандидатите за претседател на државата. Засега сигурни кандидати во претседателската трка се Гордана Силјановска – Давкова, Стево Пендаровски и Блерим Река.
Заедничкиот кандидат на владејачката коалиција, Пендаровски, доби поддршка од над 60 пратеници во Собранието, а собираше и потписи од граѓани. Тој собра над 32.000 потписи во канцелариите на ДИК.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, професор Гордана Силјановска - Давкова потребните граѓански потписи ги собра за само еден ден. Околу 16.000 граѓани се потпишаа за неа.
Потписи за да учествува на претседателските избори собра и Блерим Река, кого го поддржаа Алијансата за Албанците и Движењето Беса.
За шестите претседателски избори потписи собираат и Филип Петровски, Димче Петровски, Јосив Мирчевски и Господин Попоски.
Собирањето потписи започна на 23 февруари.