Седумдесет и два отсто од жртвите на семејно насилство минатата година биле жени. Само 15 отсто од министрите се жени, а процентот е уште помал кај градоначалниците на општините, бидејќи само 7,4 отсто од нив се жени, покажуваат податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
„Хелсиншкиот комитет го користи Меѓународниот ден на жената повторно да потстети на овие поразителни статистики. Заложбите на државата остануваат декларативни, а не суштински“, се наведува во соопштението.
Во минатата година, 919 лица се евидентирани како жртви на семејно насилство, а од нив 665 се жени. Секоја втора жена во државата е жртва на психичко насилство, секоја четврта е жртва на физичко насилство, а секоја седма жена е жртва на сексуално насилство. Вкупен број на фемициди во перидот од 2008 до 2016 изнесува 70, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.
Според соопштението, 5379 текстилни работнички пријавиле прекршување на работнички права, во 2018 година, а во 51 отсто од општините нема пристап до основни гинеколошки сервиси.