Присуство на арсен забележано во почвата во Тетовско

илустрација, архивска фотографија

Речиси два и пол пати повеќе арсен од дозволеното бил пронајден при испитувањата на почвата на една нива во близина на фабриката Југохром во Јегуновце во ноември минатата година. Слични резултати биле добиени и при испитувањата спроведени во истиот временски период на земјата од дворот на основното училиште Кирил и Методиј во Тетово што се наоѓа во близина на фабриката Тетекс.

Ваквите податоци ги презентираа невладините организации Вила Зора од Велес и Еко Герила од Тетово на дебата што се одржа во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Настанот е дел од од проектот „Да ја заштитиме почвата од загадување“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Овој проект има за цел да ги опфати уште и Скопје, Тетово и Кавадрци како места каде има големо загадување како последица на индустриските капацитети.

„Арсенот е тежок метал што предизвикува разни болести кај човекот.Добиените податоци за земените примероци земја на длабочина од 20 и 40 сантиметри покажаа дека необработената земја кај Јегуновце има 2,5 пати повеќе арсен од дозволеното, додека оловото и кадмиумот се во дозволените рамки, кај компирот нема зголемени концентрации на вакви тешки метали бидејќи тој не ги апсорбира од почвата. Кај зелката има зголемено, ниво но и тоа беше во рамки на дозволените рамки“, изјави од НВО Вила Зора Кире Кочов.