Шефицата на СЈО, Катица Јанева денеска изјави дека обвинителството си го заслужило местото во институциите на државата. Според неа, покрај тоа што ќе продолжи да работи во неограничен мандат, најважно е што протокот на предметите што досега ги работеше нема да завршат со ниедно законско решение. На прашањето дали со новиот закон нема да се спаси некој од политичарите односно функционерите ако „бомбите“ нема да бидат докази, таа рече дека се е можно.
„Може некој да се спаси, а некој може да биде плус обвинет. Но, ние во суштина сме задоволни што ни се проширува надлежноста. Не сме ограничени само на бомбите бидејќи во периодот што го анализиравме сметаме дека има и други прекршувања на Кривичниот законик. Така можеби сега во одредени предистраги ќе отвориме и многу покрупни предмети од овие што ги имаме“, појасни таа.
За одлуката на Врховниот суд за случајот „Империја“ и за пуштањето од куќен притвор на дел од осомничените, и дали е следен Сашо Мијалков Јанева смета дека најважно е што СЈО има доволно докази по предметите за да се продолжат истрагите и одредени предистраги на кои се работи.
„Можеби во иднина и во најбрз можен рок, ќе побараме по други предмети одредени мерки за определени лица“, рече таа, додавајќи оти е можно за Мијалков да побараат притвор за друг предмет ако биде пуштен за „Империја“.