Министерката за правда Рената Дескоска изјави денеска дека со новиот закон за Јавно обвинителство продолжуваат сите постапки што се почнати пред СЈО и што се во фаза на обвинение или во фаза на истрага или предистрага, со тоа што доказите што се собрани врз основа на овие постапки остануваат валидни.
„Значи ќе бидат користени. Употребата на прислушкуваните материјали е ограничено за оние обвиненија што се покренати во првите 18 месеци. Во консултации со странски експерти и со СЈО, дојдовме до заклучок дека практично во предметите што се отвораат по 18 месеци реално и нема неопходна потреба од користење на аудиоматеријалите како доказ, бидејќи тие се користени како индиција преку кои потоа СЈО доаѓало до други докази што можат задоволително да послужат за докази во судските постапки. Од тие причини нема да има нарушување на квалитетот на водењето на судските постапки ако не се користат во овие постапки овие аудио материјали“, рече Дескоска.
Законот, како што посочи таа, го пуштиле вчера во собраниска процедура, при што се уште немаат потврдено двотретинско мнозинство. Но, според неа, битно е дека на ниво на владина коалиција успееале да постигнат согласност за текст што дава целосна одржливост на СЈО, го претвара во траен орган, не нуди никаква скриена амнестија.