Владината прес-служба соопшти дека Владата на денешната седница донела одлука да ги задолжи сите институции да извршат промена на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата. Владата на седницата ги задолжи институциите да извршат и проверка дали се променети сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуниказии, веб-странци, медиуми,…), како и меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите..., и во рок од седум дена до Меѓуресорска работна група да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен.
Владата ги утврди и новите имиња на државните, јавните и институциите финансирани од Буџетот, согласно Договорот од Преспа и уставните измени. Институциите кои што имаат „Република Македонија“ во името се задолжени тоа го променат во „Република Северна Македонија“, додека институциите кои имаат „македонски/македонска“ во името треба да го заменат со „национални/национална“.
На пример, Македонска филхармонија станува Национална филхармонија, Македонски шуми ќе бидат Национални шуми, Македонска опера и балет станува Национална опера и балет, Македонска радиотелевизија станува Национална радиотелевизија... На оваа листа се наоѓаат вкупно 136 институции. Целата листа е достапна на владината интернет страница.