Поранешниот американски амбасадор во Скопје и иден помошник државен секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер денеска се сретна со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што соопштија од опозициската партија Мицкоски посочил дека власта во овие моменти спроведува “злоупотреба на институциите, нарачани обвиненија, притвори и пресуди”.
“Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека власта врши сериозни нарушувања на правната држава и владеењето на правото и дека тоа државата ја уназадува во поглед на исполнување на стратешките приоритети и назадувањето на демократските процеси”, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во него се додава и дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ја истакнал важноста на “стратешкото партнерство на Македонија со своите сојузници и додаде дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ останува интеграцијата во ЕУ и НАТО”.
Рикер престојува во посета на Скопје во чии рамки се сретна со премиерот Зоран Заев и други владини функционери.