Излегуваш од дома и заминуваш на работа, на училиште или едноставно до најблискиот пазар. Единствено, метежот во сообраќајот во Скопје може да те вознемири. Овие релации секојдневно ги минуваме и ги земаме здраво за готово. Во истиот град, во македонската метропола, ако имаш оштетен вид, телесен инвалидитет, оштетен слух или друга попреченост имаш минимална достапна подвижност.
Како лице со попреченост, покрај метежот, движењето низ Скопје има ред други предизвици кои вознемируваат. Ако здравоспособните избираат дали да користат велосипед, возило или автобус, лицата со попреченост немаат таков избор.
„Благодарен сум што малку од малку ѕиркам, ама за луѓето кои живеат во темнината, кои само сонцето ги гали нивните очи е навистина многу тешко. Ако погледнеме, дактилните патеки дека треба да бидат ставени во функција за нас, за лицата со попречен вид, ги нема. Ако ги гледаме обележаните патеки каде што треба да се движи лице со количка, ги немаме. Ако ги гледаме автобуските постојки, дали се синхронизирани и прилагодени за лицата со попречен вид, не“, рече Суарет Алишан, активист.
Алишан е лице со оштетен вид, растел без родители, а денеска е активист за правата на овие лица кои системот знае да ги заборави. Тој живее во скопската населба Карпош, и секојдневно минува низ перипетии за да патува до центарот на Скопје.
„Автобусот за мене е секојдневност, што јас го користам, но верувајте дека јас за да стигнам до автобусот, јас морам 10 луѓе да прашам кој број е на постојката за да можам да се качам, бидејќи сепак бројките или автобуската не е синхорнизирана да може да ми кажува кој број сега доаѓа“, објасни Алишан.
Александар Велески од скопската Кисела Вода, од 5 годишна возраст живее со церебрална парализа. Поминал и истрпел 11 операции. Тој оди на прошетки и до маркет со кучето-придружник Бен. Неговото движење освен што е ограничено со високи тротоари, возила паркирани на тротоари, ретко го прифаќаат во продавници со Бен.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Бен е со Александар веќе 5 - ипол години. Бен му го смени животот. Ќе ви кажам една случка, Александар сам со количката отиде со Бен до Веро Центар. Обезбедувањето како најголем криминалец го исфрли. Демек не смее да се движи со кучето, а кучето носи појас Dog Service, придружник. И апелирам луѓево, да не се плашат од кучињата што се придружници и тие сакаат да живеат, и тие сакаат да седнат во кафана, во ресторан, да седнат да се напијат кафе, сок, да направат муабет, да не ги исфрлаат од маркетите“, изјави Зоран Велески, татко на Александар.
Тие скоро и да немаат можности и услови да бидат дел од работната сила. Државата до 18 години ги згрижува децата без родители, дава финансиски средства на деца со попреченост, но по полнолеството се оставени сами на себе, на товар на државата или пак на блиските.
„Не може ние деца без родители да имаме до 18 годишна убав третман, а после 18 години за нас системот да биде затворен, едноставно отфрлени од општеството. Нашето вработување, на лицата со попречености е можам да кажам на ниско ниво. Ние моментално како организација, како иницијатива, мрежа 5 до 12 и Менуваме работиме на една социјална инклузија на вработување на лицата со попречености.
Зошто овие лица не може да ги видиме да работат во некои од локалите, рестораните, портирниците, телефонските централи во институциите на системот и ред други работи каде што овие лица треба да ги видиме, а не да бидат омаловажувани, со пазарот на трудот, бидејќи сепак тие лица знаат, можат и умеат и треба да бидат прифатени“, вели Алишан.
Велески и покрај макотрпната борба за здравјето, тој завршил средно образование како графички техничар-дизајнер, знае да работи на компјутерските програми Ворд, Ексел, а има и познавање Фотошоп. Освен тоа, задоволство му е и тренирањето во теретана и прошетките со Бен.
„Тој сакаше да оди да се натпреварува на параолимпијадата со колички што беше, не успеавме никако да дојдеме до таму, правевме некои напори до Влада, со посебна исхрана, да се обезбеди некоја количка за да може да се натпреварува, ние не сме во можност да му овозможиме тоа. Инаку тој е доста физички здрав. Тој со количка работи склекови, се подигнува од земја, околу 20-30 сантиметри, на вратило работи, на карики работи. Се надевам дека и спортскиве центри, теретани ќе најдат слух барем за такви лица да можат да работат кај нив“, Зоран Велески, татко на Александар.
Александар во минатото има добиено понуда за работа, но бидејќи немало пристапност до канцеларијата, не се исполнило вработувањето. Имале и други обиди за вработување, но засега неуспешни.
Животните приказни за Велески и Алишан, за нивните ограничувања за движење низ Скопје, за нивните неуспешни приказни за вработување сведочат за недостатоците на системот. Алишан честопати знае да каже дека државата вреди онолку колку што се грижи за најбеспомошните. Во нашето општество, според приказните на Велески и Алишан, на оваа вредност и недостасува внимание.