Рикер: Успехот на Договорот од Преспа е доказ за напорна работа и компромис

Филип Рикер, заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД за време на денешната посета на Скопје.

Поранешниот американски амбасадор во земјава и иден помошен државен секретар за Европа и Азија, Филип Рикер за време на посетата на Скопје порача дека САД остануваат посветени на интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија затоа што тоа е во стратешкиот интерес на САД, кои се залагаат за мир, просперитет и стабилност во Европа. Според него, земјите од Западен Балкан треба да работат на унапредување на целите на потранспарентната и одговорна влада, владеење на правото, слобода на медиумите и ангажирано граѓанство.

Клуч за да се постигнат тие цели, како што наведе Рикер, се раководството, храброста, визијата и подготвеноста да се преземат политички ризици. Тој порача дека Договорот од Преспа е одличен пример за тоа, кој го отворил патот на Северна Македонија за членство во НАТО и понатамошна нејзината европска интеграција.

„Успехот на Преспанскиот договор е доказ за тоа што напорна работа и компромис може да се постигнат кога лидерите покажуваат такво лидерство“, рече Рикер.

Тој порача дека премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, како и министрите за надворешни работи треба да се пофалат со историското достигнување. Воедно Рикер изрази уверување дека другите лидери во Западен Балкан ќе учат од тоа искуство кое докажува дека длабоко вкоренетите извори на историски конфликт може да се надминат.

Рикер истакна дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија во рамките на дијалогот под раководство на ЕУ е следната можност за решавање на уште еден проблем кој го кочи регионот.