Состојбата со палењето на трските на струшкото крајбрежје на потегот од Струга кон селото Калишта последниве денови станува алармантна, предупредуваат екологисти и експертите по животна средина.
Тие велат дека со тоа се загрозува богатата флора и фауна со која располага крајбрежната зона на Охридското Езеро, наведувајќи дека секоја година пред почетокот на градежната сезона се случува истото, односно дека се расчистува терен за подоцна да никнуваат плажи и хотелски комплекси.
Од Извидничкиот одред „Крсте Јон“, кој работи на мониторинг на појасот на трски на Охридското Езеро, велат дека сегашната слика на струшкото крајбрежје е во многу лоша состојба и оти појасот трски се соочува со сечење, палење, копање, бетонирање и уништување.
„Природните вредности на Охридското Езеро и крајбрежјето се под притисок од неодржливо користење ресурси и развој на туризмот во целиот регион, придружен со ниска свест кај носителите
на одлуки и недостиг на интегрирано урбанистичко планирање“, велат од „Крсте Јон.“
Сомневањата дека со палењето трски се расчистува терен за изградба на угостителски објекти, плажи или хотели ги потврдува контролата на терен на активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.
„На одредени парцели меѓу Струга и Калишта се тампонира, се поставуваат бетонски огради, се пали трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут. Не се знае кој узурпира и кој гради. На терен беа лица со приватни возила. Израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции“, велат од „Охрид
СОС“.