Мицотакис - Договорот од Преспа е ратификуван и ќе го почитувам

Претседателот на Нова Демократија Киријакос Мицотакис на економскиот форум во Делфи.

Имаме меѓународен договор, не ми се допаѓа, но е ратификуван меѓународен договор и ќе го почитувам договорот, изјави претседателот на Нова демократија Киријакос Мицотакис на панел дискусија на економскиот форум во Делфи. Тој одговараше на прашањето дали тие како влада би ги отвориле прашањата од Договорот од Преспа со кој не се согласуваат.

Мицотакис рече дека ако постојат прашања на кои можат да работат, ќе го сторат тоа ставајќи го акцентот на компаниите од северна Грција кои го користат терминот „македонски“. Тој рече дека тие се комплетно незаштитени, бидејќи не постоела заштита на брндот македонски за трговска употреба.

Тој исто така рече дека постојат суштински чувствителности во северна Грција и оти нема да дозволи договорот да ја дестабилизира Грција, бидејќи постоела голема опасност да се случи такво нешто поради чувствата кои преовладувале во северна Грција. „Тоа е јадрото на идентитетскиот проблем“, рече Мицотакис.

Тој истакна дека 70% од Грците и 95% од гласачите на Нова демократија сметаат дека договорот е лош и повтори дека неговата партија не се согласува со делот што се однесува на македонски јазик и националност.

„Не е државјанство, туку националност со особеностите, култура, јазик, цивилизација. Тоа е дефиниција за национален идентитет. Ниту една грчка влада во сложениот балкански регион, никогаш не го признала ова. И никој не ни објасни зошто нема барем северномакедонски
идентитет, рече Мицотакис.