Нимиц - Спроведувањето на Договорот за името бара многу време

Архивска фотографија - Mедијаторот Метју Нимиц во Скопје.

Посредникот на ОН во спорот за името, Метју Нимиц вели дека промената на името на Македонија, сама по себе бара многу време. Тој вели дека спроведувањето на Договорот од Преспа ќе отвори прашања како што е работата на Комитетот за учебниците и комерцијалната употреба на името „Македонија“.

Нимиц вели дека ќе треба време оти ќе треба да се менуваат сите лични документи, табли на институции. Но дека ќе треба време и за односите меѓу двете земји. А, како што вели, има отворени прашања и за комерцијалната употреба на името „Македонијa“. Тој на брифинг за новинарите во седиштето на ОН рекол дека е задоволен од успехот на преговорите меѓу Атина и Скопје и покрај тоа што често му забележувале дека поминале 25 години за решавање на спорот.

„Луѓето често велеа колку досадна работа, да се поминат 25 години работа на еден збор, едно име. Зошто луѓето не седнат и не се договорат за име за што се потребни пет минути. Но, не се работи само за името, кое е само врвот на сантата мраз кој е видлив, станува збор за прашање на чувството за идентитет во двете земји. Прашањето имаше историски и емоционални аспекти и се уште има“, рекол Нимиц.