Нетанјаху ги отфрла обвинувањата за корупција

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Нетанјаху тврди дека не е виновен за корупција

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се соочува со обвинувања во три случаи на корупција. Со тоа се зголеми неизвесноста околу изгледите за негов реизбор.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е невин откако изарелскиот јавен обвинител најави дека ќе го обвини за корупција.

„Ви велам вам, на граѓаните на Израел, оваа куќа од карти ќе падне, јас сум сигурен во тоа. Јас сум сигурен во тоа 4.000 проценти. Јас планирам да ви служам вам и на државата како премиер уште многу години“, рече Нетанјаху во обраќањето, пренесувано од резиденцијата во Ерусалим.

Тој додаде дека јавниот обвинител Авихај Менделблит го најавил обвинувањето, бидејќи бил изложен на „нечовечки притисоци“ од левицата и медиумите.

Нетанјаху притоа запраша зошто обвинувањето е најавено 40 денови пред изборите закажани за 9 април.

Претходно, јавниот обвинител потврди дека планира да поднесе против Нетанјаху обвинувања за поткуп, измама и за изигрување на довербата на јавноста.

Дали обвиненијата конечно ќе бидат донесени ќе зависи од судското сослушување во кое премиерот може да се обиде да побара од обвинителот да не го обвини.

Нетанјаху се соочува со сериозен ризик од затворска казна до 10 години доколку биде осуден за наведените случаи.

Поточно премиерот е осомничен за прифаќање на подароци во вредност од стотици илјади долари од богати бизнисмени и за давање услуги во замена за поволни вести за него во медиумите.

Датумот на сослушувањето сè уште не е одреден, но веројатно тоа ќе се случи по изборите во кои тој се соочува со многу силна опозиција.

Поранешниот команднат на израелската војска Бени Ганц кој се појави како еден од водечките кандидати на претстојните избори, побара од Нетанјаху да се повлече и најави дека нема намера со него да составува влада.

„Народе на Израел, вечерва со објавувањето на препораката на јавниот обвинител и во околностите што се случија, исклучена е секаква влада со Бенјамин Нетанјаху. Ве повикувам, Бенјамин Нетанјаху, од тука вечерва, да покажете одговорност и да поднесете оставка од функцијата“.

Ликуд,политичката партија на Нетанјаху застана во негова одбрана, оценувајќи дека станува збор за „политички прогон“.