Антикорупциска отвори четириесеттина предмети за непотизам

Државна комисија за спречување на корупција

Антикорупциска отвори над 40 нови предмети за сомневање за непотизам. На листата се роднини на актуелни и поранешни државни функционери. Министри, пратеници, градоначалници, амбасадори, директори на јавни институции, на државни фирми и агенции, како и судии и членови на судски совет, генерални секретари и советници.

Сите се под сомневање за постоење судир на интереси во случаи кога биле вработувани нивни роднини.

„Мислам дека од истражувањата кои ќе произлезат од веќе започнатите и од овие предмети, ќе видиме по каква постапка за вработување се сите вработени. Дали имало обезбедено фер конкуренција, какви критериуми имало употребено", изјави Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

За поголемиот дел од лицата кои се најдоа на списоците јавноста веќе дозна преку медиумите, но некои имиња за прв пат беа претставени денеска во Антикорупциската комисија.