Претседателот Доналд Трамп изјави дека американските санкции беа камен на сопнување во разговорите со водачот на Северна Кореја Ким Џонг Ун во Ханој.
„Се работи за санкциите“, им изјави Трамп на новинарите во Ханој откако дводневниот самит заврши без договор за денуклеаризација на Корејскиот полуостров.
„Во суштина сакаа санкциите да се укинат во целост и не можевме да го сториме тоа“.
Сепак, Трамп рече дека Ким го уверил оти Пјонгјанг ќе продолжи да не спроведува нуклеарни и ракетни тестови.
Претходно, Трамп и Ким го напуштија местото на одржување на самитот во Ханој во одделни автомобилски колони, а планираната заедничка церемонија за потпишување беше откажана.
„Понекогаш мора да напуштиш, и ова беше едно од тие времиња“, рече Трамп.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун пред почетокот на разговорите изјави дека и покрај скептицизмот за ваквите самити, на нив биле направени многу напори за да се постигне вистински договор за денуклеаризација на Корејскиот полуостров:
„Досега направивме многу напори и време е да ги покажеме“.
Еден од скпетиците дека ќе дојде до вистинска денуклеаризација на Корејскиот полуостров е и Бил Ричардсон, добар познавач на севернокорејските прилики и поранешен американски амбасадор во Обединетите нации.
Тој честопати беше и посредник во решавањето на проблемите со комунистичката Северна Кореја.
„Па, мислам дека беше наивно заадминистрацијата на Трамп да мисли дека Севернокорејците ќе се денуклеаризираат. Нема да го сторат тоа, тие имаат 54 нуклеарни оружја, тоа е нивниот извор на опстанок за иднината и исто така на задржувањето на Ким Џонг Ун како лидер“.
Ричардсон и на ставот дека овој самит му бил неопходен на Трамп.
„Па, мојата загриженост е дека претседателот сега има многу одвлекувања. Тој ја има оваа истрага на Милер, сведочењето на Коен, блокадата на владата која мислам дека политички му наштети, го има прашањето со „Ѕидот“ во Конгресот. Значи сака победа, сака да го одвлече вниманието“.
Ричардсон сепак, го пофали Трамп за храбриот потег директно да разговара со Ким Џонг Ун и оти тоа придонесе сега на Корејскиот полуостров да има помалку тензии.