Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вели дека се согласува оти во преговорите со Србија треба да се постигне договор за меѓусебно признавање, но дека Косово нема да прифати промена на границата и поделба на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
По денешната седница на Владата, Харадинај изјави пред новинарите дека „отворањето на прашањето на границите е агенда на Русија и на рускиот претседател Владимир Путин за да се држи отворено балканското прашање“.
Тој го повтори ставот на неговата Влада дека дијалогот со Белград треба да продолжи, но таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина нема да се укине „се додека не се најде на маса договорот за меѓусебно признавање“.
Барањата на меѓународниот фактор за укинување на таксата, според косовскиот премиер, се неприфатливи, затоа што не земаат предвид одредени специфичности.