Односите во владејачката коалиција се добри и Владата продолжува со својата работа, порача вицепремиерот и член на ДУИ Бујар Османи на новинарско прашање во врска со изјава на потпретседателот во СДСМ и пратеник Мухамед Зекири, кој рече дека е можна и Влада без ДУИ.
„Ние имаме добри односи помеѓу владејачката коалиција. И не гледам дека сега имаме потреба во Влада да се дефокусираме со вакви обиди што повеќе имаат за цел да ја оживеат дебатата низ социјалните мрежи отколку да одразуваат некоја динамика на односи меѓу двете политички партии. Продолжуваме понатаму со реформската агенда бидејќи ова се историски мигови за земјата да добие датум за преговори што го чекаме веќе 18 години“, изјави Османи на заедничката прес-конференција со француската министерка за европски прашања Натали Лоазо.
Во врска со тоа дали она што се случуваше во Парламентот со барањето за симнување на имунитетот на Трајко Вељаноски е поврзано со судбината на СЈО, односно дека на ДУИ не му одговара да продолжат со истраги бидејќи, како што беше речено, се вмешани и нивни функционери, Османи рече дека тоа е лажна вест и дека ДУИ дава апсолутна и целосна поддршка на СЈО.