Пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ побара претседателот на Собранието, Талат Џафери да не ја префрла вината на друг за вчерашната седница за имунитетот на Трајко Вељаноски. Тој на прес-конференција запраша дали Џафери свесно одработи за ВМРО-ДПМНЕ, за Трајко Вељаноски да не се соочи со казната. Зеќири вели дека Собранието е должно да постапува и судот непречено да работи, а организаторите за 27 април мора да одговараат. Зекири вели дека не упатил лични навреди кон Џафери, туку само му рекол да го прочита заклучокот за да гласаат пред полноќ. Тој вели дека партијата ќе заседава за новата ситуација и тоа што ќе го решат ќе ѝ го соопштат на јавноста.
Неговиот колега Павле Богоевски, чии име пратеникот Артан Груби го посочи како виновник за тоа што не се изгласал имунитетот на Вељаноски, вели дека обидот Груби да ја префрли вината на него е обична лага.
„Јас во три наврати се обидов да ја добијам колешката Емине Асани. Немав потврда дека таа ќе дојде, ниту пак дека возило е испратено по неа“, вели Богоевски.
Тој порача да престанат да лажат и да ја манипулираат јавноста.
„Единствена одговорност за вчерашното прекинување на седницата и за заштитата на Трајко Вељаноски е кај Талат Џафери и кај ДУИ“, рече Богоевски.
Претходно, премиерот Зоран Заев изрази незадоволство и револт, СДСМ побара одговори од Џафери за негласањето за одземање на имунитетот на Вељаноски, а Џафери рече дека истекло времето за гласање „поради пратениците, особено поради пратеникот од мнозинството Мухамед Зеќири“. Пратеникот Зијадин Села исто така обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ меѓусебно се штитат. Артан Груби од ДУИ, пак, вината за неодземањето на имунитетот на Вељаноски ја префрли врз Богоевски.