Изразуваме големо незадоволство и револт поради тоа што се случи на седницата на која требаше да се гласа за укинување на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски, рече денеска премиерот Зоран Заев. Тој вели дека Собранието вчера требало да ја следи досегашната пракса во однос на одлучувањето за одземање на имунитетот на пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски.
Со тоа, смета, ќе се покажело дека сите пратеници се еднакви, а ќе се оставело и можност на судот да одлучува.
„Процедурите и правилата мора да важат за секој пратеник подеднакво, без разлика дали е тоа поранешен претседател на Собрание или не, затоа што сакаме на граѓаните да им испратиме порака дека сите се еднакви пред законот, а останатото е работа е на правосудните органи. Парламентот треба да ја примени досегашната пракса. Во однос на тоа што се случи изразуваме големо незадоволство и револт“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање пред презентацијата на Оперативниот план за вработување за 2019 година.
Претходно, СДСМ побара одговори од Џафери за негласањето за одземање на имунитетот на Вељаноски, а Џафери рече дека истекло времето за гласање „поради пратениците, особено поради пратеникот од мнозинството Мухамед Зеќири“. Пратеникот Зијадин Села исто така обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ меѓусебно се штитат.