СДСМ бара одговори од Талат Џафери за неодземањето на имунитетот на Вељаноски

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери

Пратеничката група на СДСМ денеска нема да учествува во работата на Собранието, оти, како што велат, немало услови за работа, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата Јован Митрески. Тој на прес-конференција во Собранието побара одговори од претседателот на Парламентот, Талат Џафери, за тоа дали се калкулирало со одржувањето на седницата на која се расправаше за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски, осомничен за вмешаност во организирањето на насилствата во Собранието на 27 април 2017 година. Митрески од СДСМ вели дека одговорност за 27 април мора да има и Собранието да постапува како што треба да постапува. Од партијата денеска не биле ниту на редовната координација кај претседателот Џафери. СДСМ ќе почека на одговори од Џафери за да одлучи како ќе постапува понатаму.

Претходно, пратеникот Мухамед Зекири од СДСМ, на Фејсбук напиша дека ДУИ и Талат Џафери треба да ѝ објаснат на јавноста зошто „го спасија нивниот побратим Трајко Вељаноски“.

Независниот пратеник Павле Богоевски, кој е дел од владејачкото мнозинство, исто така на Фејсбук напиша дека Џафери го злоупотребил Собранието и „го заштити организаторот од притвор правејќи будали од сите нас“.

Џафери синоќа пред полноќ ја прекина седницата на која требаше да се гласа за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски и Собранието воопшто не гласаше. Претходно, гласањето на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања гласаше нерешено 4:4 за одземање на имунитетот на Вељаноски, зашто пратеникот на ДУИ, Агим Шаќири, не дојде на гласањето поради здравствени причини.

Собранието ги откажа за денеска закажаните пленарни седници без образложение.