Со четири гласа „за“ и четири „против“ пратениците ја завршија расправата за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски.Извештајот од расправата на Комисијата за имунитетно - мандатни прашања најверојатно ќе се разгледува на собраниска седница во текот на утрешниот ден. Комисијата содржи 9 члена, но за време на гласањето бил отсутен пратеникот од ДУИ Агим Шаќири.
На ова му претходеше дводневна жестока расправа во која пратениците се обвинуваа меѓусебно за случувањата на 27 април како и за политички прогон.
Во членот 54 од Деловникот е наведено дека врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.
Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски доаѓа откако за него обвинителството побара притвор поради истрага во која е осомничен за организатор во насилните настани на 27 април во Собранието.