Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова денеска стартуваше со собирање на 10 илјади потписи од граѓаните за поддршка на нејзината кандидатура. Таа на социјалните мрежи побара од граѓаните на социјалните мрежи да го дадат својот потпис за нејзина поддршка и ако сакаат тоа да го покажат и со селфи.
„Најдобар начин да ги мотивираме другите и да испратиме порака дека од нас зависи, е да излеземе масовно до канцелариите на ДИК и да ставиме потпис. Доколку почувствувате потреба да ги охрабрите другите, би можеле да направите самослик (selfie) и да го постирате заедно со хаштагот #СеПотпишавЗаПравоиПравда. Или само хаштаг без селфи“, се вели во статусот на нејзиниот официјален профил.
Во меѓувреме претставници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со слики веќе објавуваат дека се потпишале во општинските простории на Државната изборна комисија, меѓу кои и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Тој по потпишувањето изјави дека е сигурен оти неговата партија со Силјановска Давкова како кандидат за претседател на 5 ти мај ќе издвојува победа на претседателските избори.
„Ја користам оваа пригода да го повикам Зоран Заев и Владата да се охрабрат и тоа што го говорат дека немаат замешателство во одлуките на Обвинителството и на судството да го потврдат со тоа што ќе го поддржат предлогот на опозицијата за јавен обвинител. На тој начин ќе покажат уште еднаш дека навистина веруваат во чесни, фер и правични претседателски избори кои следуваат на 21 април и на 5 мај“, потенцира Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните масовно да го поддржат кандидатот Гордана Силјановска Давкова и на 21 април масовно да излезат и да гласаат за неа и на тој начин, како што рече, да отпочнат да отпишуваат заеднички една нова историја за државата и граѓаните.
Силјановска Давкова, иако е номинирана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател на Македонија, денеска почна со собирање на најмалку 10.000 граѓански потписи за претседателската кандидатура на 46 локации низ државата, што треба да заврши на 9 март.