МВР - Киднапери и киднапирања нема, граѓаните да не потпаѓаат на шпекулации

Министерството за внатрешни работи (МВР) најостро ги демантира и ги отфрла како целосно неточни информациите во јавноста за наводни киднапери и киднапирања лица во земјава поради препродажба на човечки органи и ги повикува граѓаните да не потпаѓаат на шпекулации со кои се шири паника и страв.

„Категорично ги отфрламе шпекулациите за постоењето киднапери. Досега не се пријавени ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи. За последните случаи на исчезнување кои се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопштивме дека се работи за класични случаи на самоубиство“, наведува МВР во соопштението до медиумите.

Според Министерството, неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица.