Судијката Добрила Кацарска на 15 март ќе ја објави пресудата за обвинетите во предметот на СЈО познат како „27 април“. На денешното рочиште обвинетите имаа можност да и реплицираат на обвинителката во предметот Вилма Русковска за нејзините ставови изнесени вчера на крајот од завршните зборови, кога беа побарани високи казни за 17-те преостанати обвинети во овој процес.
Судскиот процес за настаните во собранието од 27 април 2017 година почна во август минатата година и е еден од најголемите во поновата македонска историја. На почетокот процесот почна против 33 обвинети, кои беа извршители на упадот во парламентот и на нападите врз пратениците на актуелната власт. Но, по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.
На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие ги дадоа завршните зборови пред Судот, по што се очекува Судечкиот совет да ја соопшти пресудата.
Од пред два дена на извршителите во овој процес јавното обвинителство им придодаде и петмина организатори на настаните од 27 април: Н.Г. , Т.В., М.Ј., С.Р. и Н.Б, кои се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.