Делегацијата на ЕУ остро го осуди инцидентот што се случи вчера во затворот во Шуто Оризари и бара да се спроведе истрага, а одговорните за него да понесат последици.
"Делегацијата на ЕУ остро осудува каква било форма на насилство и изразува загриженост за инцидентот што се случи во затворот во Шутка. Очекуваме истрага за овој инцидент и да се сносат последици", стои во пишаната изјава на Делегацијата на ЕУ во врска со инцидентот во затворот во Шутка.
Рекацијата на делегацијата на ЕУ уследи по вчерашните два инцидента во дворот на оваа казнена институција во кои поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски биле физички нападнати, по еден ден откако им беше одреден притвор во врска со истрагата за настаните во Собранието на 27 април, 2017 година.
Што се однесува до судските постапки во однос на инцидентите од 27 април, од Делегацијата наведуваат дека нема да ги коментираат.
"Генерално, очекуваме судските институции да ја вршат својата работа професионално и независно, се посочува во изјавата на Делегацијата на ЕУ во земјава.