Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од градската болница „8 Септември“ побара одговорност од премиерот Зоран Заев, министерката за правда, Рената Дескоска, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за физичкиот напад врз поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во затворот Шутка.
„Рацете на Зоран Заев се крвави и не постои вода, која што ќе може во периодов што следува, да ги испере. Срамота и навистина ако е ова примерот на демократските институции, ако ова е животот кој што се донесе во Република Македонија, нека им служи на чест“, рече Мицкоски.
Според него, државата не успеала да ги заштити Јанакиески и Ристовски, кои беа физички нападнати во затворот Шутка откако им беше изречен притвор од 30 дена во врска со истрагата за настаните во Собранието на 27 април, 2017 година. На Мицкоски не му беше дозволено да го посети Јанакиески, бидејќи за тоа му била потребно одобрение од судот.