Парламентот на Албанија и официјално без опозиција

Тирана- протести на опозицијата пред Собранието на Албанија

Собранието на Албанија од денеска и официјално е без опозиција, откако лидерот на опозициската Демократската партија, Љуљзим Баша до Претседателството на Парламентот ги достави изјавите потпишани од пратениците со кои тие се откажуват од пратеничките мандати.

Баша ги достави изјавите по завршувањето на протестот пред Парламентот, на кој беше побарана оставка на премиерот Еди Рама и распишување предвремени парламентарни избори.

Од пред Парламентот, учесниците на протестот предводени од лидерите на опозициските политички партии, се упатија кон Владата, во чија непосредна блзна се и работните простории на Претседателството на Законодавниот дом.

Претходно, на протестот на обединетата албанска опозиција, што почна во 10:00 часот со куси обраќања, пратениците јавно се откажаа од мандатите со повик „Рама оди си“. Последни се обратија лидерите на Социјалистичкото движење за интеграција (ЛСИ), Моника Круемади и Баша, кои исто така се пратеници.