Случај “27 април”- обвинетиот Трајковски бара да не му се суди за тероризам

Архивска фотографија- судeњето за насилствата во Собранието на 27 април 2017

Од судот барам да ми суди за тоа што сум го сторил, но не за тероризам. Единствена грешка ми е што сум се нашол на погрешно место во погрешно време, истакна обвинетиот Влатко Трајковски во завршните зборови на судењето за настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Трајковски нагласи дека за да се направи нешто, треба да постои цел, а за да не се случи тоа што се случи, според него, не требало да се отворат вратите во Собрание.

“Сите знаеме дека вратите ги отворија Крсто Мукоски и Сашо Василевски по наредба на тој што порачуваше полици за во село”, нагласи обвинетиот Трајковски.

Во Кривичниот суд во Скопје завршен збор дава и обвинетиот Вилијам Михајловски. Судскиот процес започна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица. На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.