Барањето од Кривичниот суд во Скопје за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски е испратено до Собранието на Република Северна Македонија.
Од Судот за МИА потврдиле дека Барањето за произнесување на Собранието на Република Северна Македонија за одземање на имунитетот на пратеникот Трајко Вељановски е испратено до законодавниот дом.
Според Деловникот, претседателот на Собранието по добивањето на барањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. Со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања претседава пратеникот Павле Богоевски.
По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.