Клубот на млади лекари соопшти дека од посебна важност е да успее проектот што го најави Министерството за здравство што се однесува на тоа веднаш по дипломирањето, односно добивањето лиценца, тие да добијат можност за шестмесечна практична работа, а потоа да можат да специјализираат.
Според нив, станува збор за проект што ќе користи многу пари од буџетот за здравство и поради тоа, наведуваат дека за да успее, треба да се посвети повеќе време во фазата на подготовка и анализирање на моделот.
Истакнуваат дека треба да се внимава на тоа колку ќе биде загарантирано вработувањето на новодипломираните лекари, доколку се пријавуваат на истиот конкурс и постари лекари од претходните генерации, кои се невработени или планираат да почнат специјализација. Од клубот наведуваат дека овој проект треба да води кон подобри услови како за младите лекари, така и за пациентите.
“Затоа, потребно е попрофесионално и подетално анализирање на изградбата на моделот за овој проект, пред неговиот успех да се вети со сигурност”, наведуваат од Клубот на млади лекари и бараат да бидат вклучени во неговото креирање.