Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски вечерва излезе од зградата на судот по краткиот распит откако попладнето беше приведен и осомничен како еден од организаторите на настаните од 27 април во Собранието. Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет.
"По дифолт секој што е пратеник има имунитет. Не, ве молам, 10 години сум бил претседател на Собрание, и јас да бидам организатор?, кратко изјави Вељаноски по излегувањето од судот.
За вмешаност во настаните од 27 април попладнето покрај поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, приведени се и поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристоски
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вечерва соопшти дека повело постапка против петмина осомничени за случувањата во Собранието на 27 април , меѓу кои е и поранешниот премиер Никола Груевски.
Тој е едно од двете лицата за кои се бара притвор, а се надвор од државата. Другиот за кој станува збор е поранешниот вработен во УБК, Никола Бошкоски, кој повеќе од една година е во Грција.
"Наредбата е за спроведување на истражна постапка против пет лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, предвидено и казниво по член 313 од Кривичниот законик" се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека наодите од предистражната постапка укажуваат дека осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта.
"За таа цел ги организирале и материјално ги подржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите"се наведува во соопштението
До приведувањата доаѓа во време кога во судот во изминативе неколку дена во тек се завршните зборови на обвинетите по предметот за насилството во Собранието. Јавното обвинителство неодамна соопшти дека води истрага за организаторите на насилните настани на 27 април во Собранието.
Дел од лицата кои ги бара обвинителството беа посочени во сведочењето на еден од обвинетите Александар Василевски-Нинџа пред судот.
Видете и ова: Случај 27 април - Сведок тврдел дека Груевски ги давал наредбитеНинџа пред судот тврдеше дека наредбите за упадот во Собранието на 27 април минатата година доаѓаа од осмиот кат од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Тој во својата одбрана ги посочи како организатори и наредбодавци поранешните министри Митко Чавков, Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски за кој рече дека бил познат во партијата како „Благајник“.
Тој рече дека неполн час пред упадот во Собранието насоките за активностите биле диригирани од „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“, кој бил сместен во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде што подоцна им се приклучил и тогашниот директор на УБК Владимир Атанасовски.
Од 33 обвинети за крвавиот четврток, Василевски познат како Нинџа е четвртиот кој во своја одбрана ги посочи организаторите, тврдејќи дека бил заведен од полициско партиските структури и дека тоа го правел затоа што мислел дека работи за државата. Претходните сведоци, пак, го посочуваа Нинџа како директен учесник во настаните врзани за инцидентите од „Крвавиот четврток“, а не како тој што се бранеше во Судот, дека „е повеќе сведок отколку директен иницијатор на настаните“.
Останатите обвинети се откажаа од правото за одбрана, односно молчеа во судницата за тоа дали има и каква е нивната поврзаност со инцидентите од крвавиот четврток.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција изјави дека станало јасно оти СДСМ е во слободен пад, и дополни дека им следува тежок пораз, најпрвин на претстојните претседателски избори, а потоа и на предвремени парламентарни избори.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој обвини дека целта на апсењата на нивни функцинери е да се испровоцира реакција кај ВМРО-ДПМНЕ која ќе значи да се откажат од претседателските избори и да избегнат пораз.
На граѓаните им е преку глава од самоволите на доспотот Заев, рече тој.
„Се апси врз основа на рекла казала, без докази“, рече Мицкоски.