Општина Гостивар: Одземањето на надлежностите во образованието е политичка одлука

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари

Одземањето на ингеренциите во образованието Општина Гостивар го оцени како политичка одлука и тврди дека со последното разрешување и именување директори од страна на градоначалникот Арбен Таравари немало повреда на процедурите.

Раководителката на Секторорт за јавни дејности при Општина Гостивар Аслиан Снопче на прес-конференција покажа документи за кои рече дека се аргументи против одлуката на Министерството за образование и наука.

"Одлуката за oдземање на надлежностите вторпат не се базира врз законот, туку е само политичка. По увидот во основните училишта Државниот инспекторат за образование утврди дека конкурсите за избор на директори во времето на добивање на надлежностите од
Општина Гостивар не се објавени во три дневни весници, туку само во два. Од тие причини градоначалникот Таравари донесе решение со кое се прогласуваат за ништовни решенијата за избор на директори, на ист начин како што постапи и министерот кој сега донесува
одлука за одземање на ингеренциите, рече Снопче.

Со решение на министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера му се одземени надлежностите на градоначалникот на Гостивар во делот на разрешување и именување директори во период од девет месеци.