Имаме исклучително успешна динамика на спроведување на предвидените реформи од Планот 18, што верувам дека ќе резултира со уште подобар извештај на Европската Комисија од минатогодишниот, заедно со уште една безусловна препорака до Советот на ЕУ, оценил денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на брифингот во Брисел со претставниците на Работната група при Советот на Европската унија за Западен Балкан /проширување (КОВЕБ/КОЕЛА).
Османи, соопшти владиниот Секретаријат за европски прашања, на состанокот изразил очекување дека напредокот ќе резултира со потврда на одлуката на Советот на ЕУ во јуни, за почеток на преговори со Република Северна Македонија.
Османи брифирал за напредокот на земјата во испорачување на предвидените реформи во насока на подготовка на земјата зa почеток на преговорите за членство со ЕУ посочувајќи притоа на динамиката на спроведување на реформите предвидени во План 18, особено во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Најавени се и средби на Османи со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, како и со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на ЕК, Федерика Могерини.