Претседателите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, кои се и владини партнери, денеска на средбата во Клубот на пратениците го почнаа процесот на барање на заеднички консензуален кандидат за претседател на државата. По средбата премиерот Зоран Заев рече дека сега ќе се отвори дебата внатре во партиите за да видат какво е мислењето таму.
“Ова не е воопшто лесно и драго ми е што имаме квалитетни кандидати”, рече Заев.
Тој додаде дека договориле меѓусебно да ги споделат анкетите и анализите што ги прават во партиите, но повторно не сакаше да коментира за конкретни имиња кои рече дека не се споменале на денешната средба.
“Тоа е втората фаза на разговорите, да бидам искрен дури ни во СДСМ немаме разговарано, знаете дека имаме кандидати од високото раководство на СДСМ, имаме надпартиски кандидати, ние анкетиравме за десетина од нив и драго ми е што еден голем дел од нив се фаворити на овие избори”, рече Заев.
И Ахмети потврди дека не се разговарало за конкретни имиња кои би можеле да бидат консензуален кандидат за шеф на државата.
“Одлучивме за прашањата за кои денеска дискутиравме да ги ставиме на дебата во органите на партијата. Партиите ќе бидат тие кои ќе ја донесат конечната одлука”, вели Ахмети.
И двајцата партиски лидери изразија уверување дека постои можност да се најде консензуален кандидат за претседател.