Заев верува дека е изводливо да се најде консензуален кандидат за претседател

Архивска фотографија- премиерот на Северна Македонија Зоран Заев

Со средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска ќе ги продолжи разговорите со коалициските партнери за наоѓање заеднички консензуален кандидат за престојните претседателски избори. Потоа, како што најави Заев, се планираат и средби со другите коалициски партнери од албанскиот блок, а ќе направел напори да се сретне и со Беса на Билал Касами и Зијадин Села од Алијанса на Албанците кои не се дел од владиното мнозинство.

“Верувам дека тоа е изводливо. Ако го направиме тоа, уште еднаш го потврдуваме „едно општество за сите“ и праќаме сериозна порака за охрабрување кон граѓаните за нашата одговорност да се надминеме себеси и да застанеме зад личност за која однапред веруваме дека ќе биде одличен претседател на Република Северна Македонија”, изјави Заев во одговор на прашање на промоцијата на Научно-технолошкиот парк во Скопје.

Нагласи дека бараат заедничко решение прифатливо за сите граѓани и додаде дека на вчерашната средба со коалициските партнери од коалицијата предводена од СДСМ, лидерите на партиите начелно потврдиле дека се за заеднички претседателски кандидат.