Од СДСМ соопштија дека на вечерашната работна средба со коалиционите партнери се постигнала начелна согласност на лидерско ниво, да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на престојните претседателски избори, уште во првиот круг.
Според соопштението, постигнат е договор да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, што се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата.
„Заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и ЕУ“, се наведува во соопштението на СДСМ.