Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски преку соопштение му порачува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во наредниот период, кој е клучен за партијата, наместо да ги обвинува партиските неистомисленици, да се посвети на членството.
„Многу пати досега ти укажав дека мора да покажеш конструктивност и да го обединиш членството, затоа што тоа е неопходно за ВМРО - ДПМНЕ и нејзиниот успех на претстојните претседателски избори. А, доколку партијата загуби, ти како актуелен претседател, ќе мораш да понесеш одговорност“, наведува Коневски.
Коневски на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ѝ посакува успех на изборите, кои, според него, истовремено ќе бидат и тест за партијата и нејзиното раководство. Тој воедно го потсетува Мицкоски дека Никола Груевски поднесе оставка од позицијата претседател на партијата по поразот на локалните избори во 2017 година.