Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во координирана акција со Министерството за внатрешни работи пресече организиран канал за криумчарење мигранти во кој биле вклучени 21 лице, меѓу нив и еден полициски службеник, соопшти Републичкото Јавно обвинителство. Осомничените се на возраст од20 до 40 години од кои едно лице е полициски службеник од Секторот за внатрешни работи Штип. Од осомничените 17 лица се лишени од слобода. Тројца во моментов се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е на издржување казна затвор за друго кривично дело.
Организираната група за криумчарење мигранти, како што се појаснува, била формирана во мај 2018 година, а го извршувала кривичното дело во континуитет до февруари 2019 година.
Тие, наведуваат од обвинителството, соработувале и со членови на криминална група од Грција. Преку конференциска врска дел од осомничените користејќи Вибер апликацијаи GPS координати, имале задача да ги известуваат останатите членови на криминалната група за евентуална поставеност на полициските патроли на рутата по која се движеле возилата, по што веднаш биле менувани правците на движење.
“Дел од осомничените остварувале комуникација со сега осомничен полициски службеник од СВР Штип, а со цел добивање на известувања за евентуална поставеност на полициски патроли, контроли или заседи,како и информации за тоа дали криминалната група е предмет на истрага во МВР и насоки како да го прикријат нивното криминално делување”, наведуваат од обвинителството.
Од мигрантите кои доаѓале од Авганистан, Пакистан, Бангладеш, Ирак и други земји од Блискиот и Далечниот Исток тие наплатувале од 150 до 300 евра по лице.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од Судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 СкопјеподнесеПредлог за определување на мерка – притвор за 15 осомничени, како и предлог за определување мерки на претпазливост за пет осомничени лица, стои во соопштението.