Комеморативна седница на гостиварскиот совет за загинатите од автобуската несреќа

Автобус на Дурмо-турс излета на патот Скопје - Тетово кај Карпалак

Советот на Општина Гостивар одржа комеморативна седница за загинатите од синоќешната автобуска несреќа, на која покрај градоначалникот Арбен Таравари присуствуваа и премиерот Зоран Заев, претседателот Ѓорѓи Иванов, министри, пратеници и други личности од општествено-политичкиот живот.

На почетокот на седницата, претседателот на советот на општината, Насир Муслиу прогласи тридневна жалост на општинско ниво и отвори книга на жалост.

Премиерот Заев искажа жалење за загубените животи во сообраќајната несреќа и најави дека лично ќе се заложи за целосно расветлување на околностите кои доведоа до трагедијата.

Претседателот Ѓорге Иванов трагичниот настан го оцени како тажен ден за Македонија.

Претседателот денеска во Гостивар ги посети семејствата Трпевски, Узеири и Исмаили, чиишто членови се меѓу загинатите патници во вчерашната автобуска несреќа и на семејствата и на блиските на загинатите им изрази најдлабоко сочувство за претрпената загуба.

Премиерот Заев придружуван од партиските соработници беше во домот на пратеникот Благојче Трпески, чиј син Јовица загина во сообраќајната несреќа.

Комеморативна седница одржа и советот на соседната општина Врапчиште од каде потекнуваат тројца загинати.

Во Гостивар денес ќе бидат погребани три лица, а според најавите останатите во текот на утрешниот ден.

Во Гостивар се откажани сите манифестации и прослави закажани за претстојниот викенд. Настапите ги откажа и кошаркарскиот клуб КК Гостивар во сите категории. Загинатиот Јовица Трпески беше нивни кошаркар.

Во несреќата што се случи вчера на автопатот Скопје-Тетово загинаа 14 лица, а 37 се повредени.