Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг порача дека Северноатлантската Алијанса ја почитува одлуката на Србија да остане воено-неутрална држава.
"Србија јасно стави до знаење дека нема за цел членство во НАТО, туку да биде неутрална земја и ние тоа го почитуваме. Во исто време, ние имаме многу добри партнерства со не-НАТО земјите како што се Финска и Шведска, а тоа е случај и со Србија ", рече Столтенберг на крајот од состанокот на министрите за одбрана на земјите- членки на НАТО.
Првиот човек на Алијансата ги повика сите други земји, по примерот на НАТО, да ги почитуваат одлуките на државите кои се за пристапување или кои сакаат да останат надвор од Алијансата. Сепак, Столтенберг смета дека проширувањето на семејството на НАТО е успешна приказна.
"Проширувањето на НАТО донесе голем успех и ни помогна да ја зајакнеме демократијата и да создадеме услови за напредок и слобода низ цела Европа. Сè е базирано на основниот принцип дека секоја нација има право да одлучи за својот пат ", рече Столтенберг.